Ал Келаифи го потврди планот: ПСЖ го сака Рашфорд „гратис“ од Јунајтед

Маркус Рашфорд влегува во последните месеци од договорот со Манчестер Јунајтед, а повеќе од јасно е дека за англискиот голгетер ќе има сериозен интерес од бројни гиганти доколку тој без отштета си замине од „Олд Трафорд“. Преговорите за продолжување на соработката воопшто не се во напредна фаза и многу веројатно е дека Рашфорд ќе се реши да ги промени клупските бои, негов прв трансфер откако кариерата ја почна токму во Јунајтед.

ПСЖ и во текот на изминатото лето се интересираше за овој брзоног голгетер, тогаш не беше испратена ниту официјална понуда, но претседателот Насер Ал Келаифи јасно стави до знаење дека францускиот гигант е сериозен во намерата да го доведе Рашфорд како слободен играч на „Паркот на принцовите“.

„Маркус Рашфорд е неверојатен фудбалер. Да го имате за бесплатно, тоа би било фантастично, јасно е дека многу клубови ќе сакаат да го доведат. Јас не кријам, имаме разговарано на оваа тема и порано. Можеби ќе се случи летово, зошто да не. Ако е слободен агент, ќе можеме да преговараме директно со него“, изјави Ал Келаифи.

Доколку Рашфорд не потпише нов договор со Манчестер Јунајтед до 31 декември, англискиот репрезентативец ќе може од 1 јануари да преговара со клубови надвор од Премиер-лигата, па дури и да потпише преддоговор со еден од нив што би се официјализирал на почетокот од летниот преоден рок.

Се вчитува...