Ал Келаифи ќе си ја признае грешката: Томас Тухел се враќа на клупата на ПСЖ?!

Кристоф Галтие на стаклени нозе се одржува на клупата на ПСЖ, откако челниците на францускиот гигант по поразот од Баерн Минхен многу сериозно ја разгледуваат опцијата за разделба од сегашниот тренер. Како опција беше споменуван Зинедин Зидан, но според последните информации претседателот Ал Келаифи е најзагреан во клубот да го врати поранешниот тренер Томас Тухел.

Германецот го водеше ПСЖ од 2018 до крајот на 2020 година, кога беше отпуштен по едно интервју во кое наведе дека не е сигурен дали во ПСЖ ја има улогата на тренер или политичар. Тој подоцна се правдаше дека станува збор за шега и погрешно преведени зборови, но Ал Келаифи и тогашниот директор Леонардо решија да ја прекинат соработката со Тухел. Само еден месец подоцна Томас Тухел се пресели во Челси, клуб со кој стигна и до трофејот во Лигата на Шампионите, единствениот пехар што му недостига на ПСЖ по доаѓањето на катарските газди.

Ал Келаифи од сегашна перспектива е свесен дека можеби претерал и донел погрешна одлука со отпуштањето на овој тренер, ако се знае дека Покетино како негов наследник беше ужасна одлука, а ниту Галтие не се покажа како врвно решение. Згора на тоа, во клубот веќе го нема Леонардо, со кого Тухел беше во конфликт.

„Тухел бара само една работа, клубот да го заштити од моќта на играчите, која во тим како ПСЖ е огромна. Во прилог му оди и што не сака да се меша во трансферите, сака да биде сконцентриран само на тренинзите и на водење на натпреварите. Нема сомнеж дека тој сака да се бори за трофеи, затоа и одби понуда од еден англиски премиерлигаш само неколку месеци по заминувањето до Челси, бидејќи не беше доволно амбициозен клуб“, пишуваат француските медиуми.

Се вчитува...