ПСЖ нема намера да се откаже од Нејмар, а првиот човек на францускиот првак, Насер Ал Келаифи, јасно стави до знаење дека очекува Бразилецот да остане на „Паркот на принцовите“ и за наредната натпреварувачка сезона. Реал Мадрид веќе тргна во офанзива за да го убеди Нејмар да го скрати својот престој во Париз и да се врати назад во Шпанија, но Ал Келаифи е убеден дека тоа нема да се случи.
„Нејмар останува во ПСЖ, 2000% сум сигурен во тоа. Ние немаме намера да го продадеме, не го купивме за да си замине по една година, а и самиот фудбалер сака да остане“ – дециден беше Ал Келаифи по вчерашниот пораз од Рен.
ПСЖ важи за тим што многу тешко ги продава своите асови, пред две години одолеа на офанзивата на Барселона по Марко Верати, па јасно е дека „светците“ ќе сторат се што можат за летово да го задржат Нејмар во своите редови.
Проблем за Реал е финансиската моќ на катарските газди, на кои „кралските милиони“ не им значат ништо, па можат без многу размислување да одбијат и 250 милиони евра, сума што се споменува како можна висина на трансферот на Нејмар на „Сантијаго Бернабеу“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА