Ракометарите на Пролет се уште ја прославуваат големата победа над Металург, триумф со кој скопскиот суперлигаш јасно стави до знаење дека е сериозен во намерата да стигне најмалку до четвртото место во плејофот и да се пласира во ракометна Европа за наредната сезона. Михаил Аларов е еден од оние кои одиграа стандардно добро, даде свој придонес во нападот, но пред се во одбраната, и беше од огромна помош за запирате на клучните ракометари на Металург.
„Секако дека сме горди на овој триумф. Верувавме во себе, но не сакавме да се создава еуфорија пред мечот, туку останавме тивки, а она што го имавме, го покажавме на теренот. Металург не е наивен противник, но Тинекс Пролет доминираше 60 минути против екс-шампионот на Македонија, што не е мала работа. Нивото на играта што ја прикажавме беше недостижно за реномираниот противник, тоа може само да радува, но и да мотивира да продолжиме во ист стил и во продолжението од сезоната. Ова е голема победа, но да не заборавиме дека е само прво коло и дека пред нас се уште многу тешки натпревари за да обезбедиме излез во Европа“, изјавува Аларов за клупската веб-страница на Пролет.
Овој ракометар од денеска се приклучи на подготовките на македонската репрезентација за квалификацискиот двомеч против Данска. Пивотот на Тинекс Пролет и претходно беше дел од националниот тим, а добрите игри сезонава му беа препорака и кај новиот селектор Кире Лазаров.
„За мене е голема чест што ракометна легенда како Кире Лазаров гледа на мене како на потенцијал за репрезентацијата. Јасно е дека клупските натпревари ми се главна препорака, тоа ми е мотив повеќе за да продолжам во ист ритам, да давам се од себе, со надеж дека наскоро ќе станам и стандарден репрезентативец. Свесен сум дека патот до остварувањето на таа желба не е лесен, но со поддршката на сите во Тинекс Пролет верувам дека и оваа желба ќе ми се исполни“, истакнува Михаил Аларов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА