Фудбалскиот сојуз на Албанија доби казна од ФИФА од 173.000 евра и со одлука да се затвори една петтина од од капацитетот на стадионот за следниот квалификациски натпревар, поради инцидентите на натпреварот против Србија, одигран на 7 јуни во Тирана во квалификациите за СП 2026.
Казните се поради повторено несоодветно и навредливо однесување на дел од албанските навивачи – скандирање со навредлива содржина, фрлање предмети, користење пиротехника, забранети политички транспаренти, но и свирежи за време на интонирањето на националните химни. Албанија ќе мора да го одигра следниот домашен меч од квалификациите за Светското првенство (на 9 септември против Летонија) и со намален капацитет на трибините од 20%.
„Мора сите да размислиме за нашето однесување. Ова е сериозна казна, која не е само удар за Сојузот, туку и за националниот тим. Ги повикуваме сите навивачи да го почитуваат меѓународниот етички кодекс и да придонесат за достојна атмосфера. Само обединети и одговорни можеме да дадеме поддршка на Албанија каква што заслужува“ – порачаа од Албанската фудбалска федерација во обраќањето до спортската јавност по изречените казни.
Во квалификациите за СП 2026, Албанија досега има пет бода од четири меча и се наоѓа зад првопласираната Англија. Србија е трета со четири бодови од две средби. Новата меѓусебна средба на Србија и Албанија е на 11 октомври на стадионот „Рајко Митиќ“ во Белград.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

