Алборг славеше со 31-25 на домашен терен против ППД Загреб во последното 14. коло од групната фаза во Лигата на шампионите и со тоа обезбеди пласман директно во четвртфиналето во елитата. Од друга страна загрепчани го завршија својот настап сезонава во најсилната ракометна лига во светот.
Првото полувреме се движеше како што му одговара на домаќинот. Брза игра и многу погодоци беа доволни за Данците на пауза да заминат со предност од три гола 16-13. Слично се движеше натпреварот и во вториот дел во кој домашниот тим само ја зголеми предноста за конечни 31-25. Феликс Клар повторно беше најдобар поединец во таборот на Данците со седум гола, додека кај ППД Загреб Иван Чупиќ заврши со единаесет гола.
Во вториот натпревар од терминот во 18.45 часот полскиот Кјелце ја оправда фаворитската улога на домашен терен против Динамо Букурешт совладувајќи го со 34-29. Најдобар поединец кај победникот беше Аркадиуш Морито со осум гола, додека кај Романците, Ашеб Шебиб заврши со еден помалку.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА