Италијанскиот стручњак Масимилијано Алегри (56) е само третиот тренер кој е отпуштен од Јувентус во текот на сезоната во последните 50 години, пренесуваат италијанските медиуми.
Јувентус го отпушти Алегри во петокот, само два дена по освојувањето на Купот на Италија. „Старата дама“ во официјалното соопштение како причина за ваквата одлука го наведе „непримерното однесување“ на 56-годишниот тренер за време и по финалниот натпревар против Аталанта. Алегри беше суспендиран на два натпревари од дисциплинската комисија во Серија А поради неговото однесување за време на финалето одиграно на Олимпискиот стадион во Рим, во кое Јувентус победи со 1-0, а беше казнет и со 5.000 евра.
И покрај тоа што Јувентус го прекина тригодишниот пост без трофеј и го освои Купот на Италија по рекорден 15. пат, управата на клубот од Торино реши да му ја врачи оставката на Алегри, бидејќи неговото однесување „не беше во согласност со вредностите што беа претставени од Јувентус“. Алегри на тој начин стана само третиот тренер кој доби отказ од Јувентус пред крајот на сезоната во последните 50 години.
Истата судбина ја доживеа и Клаудио Раниери, кој беше отпуштен во мај 2009 година, на две кола пред крајот на сезоната, поради лошите резултати. Него го наследи Чиро Ферара, но и тој доби отказ пред крајот на следната сезона. Тој беше сменет во јануари 2010 година. Интересно, последен пат Алегри доби отказ во редовите на торинската „Старата дама“, исто така на 17 мај 2019 година.
Тој се врати во летото 2021 година и во вкупно осум сезони освои пет титули во Серија А, пет изданија на Купот на Италија и два трофеи во Суперкупот на Италија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА