Алегри: Го одбив Реал Мадрид, но Јувентус е клуб на кој не можев да му кажам „НЕ“

Масимилијано Алегри денеска и официјално беше претставен како нов тренер на Јувентус, функција на која трофејниот стратег го наследува Андреа Пирло. За Алегри ова е камбек на клупата на „старата дама“, клубот што со успех го водеше од 2014 до 2019 година, период во кој стигна до пет шампионски титули.

Тој беше без ангажман по заминувањето од Јуве пред две години, а во меѓувреме одби неколку интересни понуди, една од нив беше и онаа за летово да го наследи Зинедин Зидан на клупата на Реал Мадрид.

„Точно е, можев да заминам во Реал Мадрид, но ја одбив таа понуда. Потоа ми се јавија од Јувентус, а Јуве е клуб на кој не можев да му кажам НЕ. Среќен сум што сум повторно овде, знам дека мојата обврска е да победувам и подготвен сум за тоа“, изјави Алегри.

Тој во последната сезона пред заминувањето имаше можност да соработува со Кристијано Роналдо, нивниот однос не беше на највисоко ниво, а на денешната прес-конференција Алегри обелодени и дека веќе имал можност да разговара со португалската суперѕвезда.

„Роналдо е извонреден играч, паметен човек. Вчера разговарав со него, како и со останатите фудбалери. Му реков дека ми е мило што пак го гледам, дека ова е многу важна сезона, а тој сега има уште поголема одговорност. Пред три години имавме поискусна екипа, овојпат имаме многу помлади играчи во тимот, па затоа Роналдо ќе има уште позначајна улога“, порача Масимилијано Алегри.

Се вчитува...