Јувентус вечерва од 20:45 часот му гостува на Интер во големата дерби пресметка од 23. коло во Серија А. Интер во моментов е прв на табелата со 54 бода, а Јувентус е втор со само бод помалку, но и натпревар повеќе.
И двајцата тренери се согласни дека оваа дерби пресметка нема ништо да одлучи во битката за титулата сезонава.
„Шампионатот не се завршува денеска, има уште многу натпревари после овој. Овој меч нема воопшто да биде одлучувачки, само ќе донесе три бода за победникот“ – вели тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри пред пресметката и дополнува:
„Но, секако овој меч е чекор кон нашата цел а тоа е учество во Лигата на шампионите следната сезона“.
Слично е размислувањето за ова 251. „Дерби Италија“ и на неговиот колега од клупата на Интер, Симоне Инзаги.
„Ова е важен меч, но сигурно не е одлучувачки. Верувам дека ќе биде одличен натпревар на два одлични тима. Притисокот е исти за двете екипи, а резултатот не зависи само од нас, затоа што ќе имаме пред себе противник кој и тоа како ќе биде подготвен за мегдан“ – вели Инзаги.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА