Алегри: Милан доби лекција по зрелост од Џенова

Екипата на Милан загуби значајни бодови во трката за скудетото откако синоќа одигра само 1-1 на домашен терен против Џенова. „Росонерите“ беа големи фаворити за победата, но се доведоа во ситуација да се спасуваат од пораз во судиското продолжение, откако Леао постигна гол во 92. минута.

Згора на тоа, Милан имаше и многу среќа во завршницата откако Џенова доби пенал, но Станчу промаши од белата точка и драматичниот меч на „Сан Сиро“ заврши без победник.

„Во фудбалот треба да се помириш со резултатот, да извлечеш позитивни работи во целата ситуација. Примивме гол во моментите кога имавме контрола и создававме шанси, а Џенова потоа знаеше како да ги затвори приодите кон сопствениот гол. Моравме да бидеме потрпеливи, се знае дека ќе има тимови што ќе се бранат со „низок блок“, не смееме да тргнеме во тотална офанзива и да примаме голови од контранапад. Од Џенова добивме лекција по зрелост, дека ако сакаш да оствариш до целта – мора да играш многу подобро. Немавме трпение, бевме казнети и затоа не стигнавме до трите бода. Нашата цел е да ја завршиме сезоната меѓу четирите најдобри, а за тоа да се случи ќе мораме да прикажуваме подобри игри во иднина“, истакна Алегри.

Се вчитува...