Досегашниот спортски директор на Наполи, Кристијано Џунтоли и дефинитивно заминува од клубот и станува нов прв оперативец на Јувентус во следните три години.
Веќе се договорени условите за преселба на Џунтоли од Неапол во Торино. „Старата дама“ во своите редови го носи човекот кој е најзаслужниот за формирањето на моќниот тим на Наполи, но и за пронаоѓањето на врвни фудбалери за ниска цена на пазарот. Така, Наполи во своите редови има играчи како Ким, Лоботка, Зиелински, Елмас, Квараскелија… кои беа донесени за ниска отштета, а нивната вредност во меѓувреме се зголеми за неколку пати. И Де Лаурентис не крие дека Џунтоли е пред нов предизвик во кариерата.
Но, неговата преселба во Јувентус, според фудбалските аналитичари од Апенините, значи и заминување на Масимилијано Алегри од клупата на црно-белите. Џунтоли не е поклоник на играта која ја протежира Макс Алегри и во преговорите за негово доаѓање на функцијата спортски директор, се најавува барање за заминување на Алегри.
„Според мислењето на Џунтоли, Алегри не е вистинскиот тренер за Јувентус“ – пренесуваат италијанските медиуми.
Алегри за сето тоа е свесен, и е против доаѓањето на овој човек во клубот. Медиумите пренесуваат дека Алегри ги користи сите средства да го спречи доаѓањето на Џунтоли, но очигледно е дека не успеа во тоа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА