Масимилијано Алегри е горд на изданието на Јувентус и победата на гостувањето против Интер, втора сезонава за „старата дама“ во меѓусебните пресметки со големиот ривал.
Стратегот на Јуве се соочуваше со сериозни проблеми поради отсуства на неколку значајни првотимци, но сепак успеа да состави тим со кој го освои „Џузепе Меаца“.
„Ова е многу важен меч за нас, секогаш е тешко да се изненади Интер на нивниот стадион. Целиот тим одигра одлично, напредуваме од натпревар во натпревар. Влаховиќ го одигра својот најдобар меч откако е во Јуве, а Матијас Соуле е роден 2003 година, а сите видовте како се снајде на овој голем натпревар“, изјави Алегри.
Тој се осврна и на критиките од Интер бидејќи голот на Костиќ не бил поништен за наводното играње со рака на Рабио, што не беше утврдено ниту со ВАР.
„Во Јуве, ние сме господа и не сакаме да разговараме за вакви теми, не сакаме да се жалиме за судии, можеме да зборуваме за фудбал колку сакате, но не и за судии. Видовте што ни се случи на нас со Салернитана, па не направивме проблем поради целата ситуација бидејќи стануваше збор за објективен пропуст на целиот ВАР систем. Судитие ја видоа снимката десетици пати и не утврдија играње со рака од Рабио, ако некој мисли спротивно тогаш тоа е субјективен став. Во секој случај, повеќе сакам да зборувам за фудбалот, за играта и за нашата победа“, порача шефот на стручниот штаб на „старата дама“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА