Масимилијано Алегри не го криеше задоволството откако Јувентус ја продолжи европската авантура со елиминацијата на Спортинг Лисабон и пласманот во полуфиналето од Лигата на Европа.
Јуве ремизираше 1-1 во Лисабон, па благодарение на победата од 1-0 на првиот меч во Торино се пласираше во полуфиналето, за комплетирање на одличниот ден во кој „црно-белите“ ги добија назад и одземените 15 бода во Калчо-лигата.
„Знаевме колку ќе ни биде тешко во Лисабон, но успеавме да останеме непоразени, се пласиравме во полуфиналето. Згора на тоа, ги имаме назад оние 15 бода во Серија А, така што ова дефинитивно беше добар ден за Јуве. Сега мораме да се насочиме кон домашното првенство, каде имаме три порази во последните четири кола. Мораме да обезбедиме место во Топ 4“, изјави Алегри.
Следен противник на Јувентус ќе биде шпанскиот прволигаш Севилја, кој синоќа во извонреден меч го елиминираше фаворитот Манчестер Јунајтед.
„Искрено, ја очекував Севилја. Тоа е добар тим, одлично ја контролира топката, но и што е најважно – има големо искуство од освојување на трофеи во Лигата на Европа. Нема да ни биде лесно, но ќе се подготвиме добро за нив“, прокоментира стратегот на „старата дама“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА