Алегри: Ова е тежок момент, но мораме да бидеме реални…

Масимилијано Алегри не го криеше разочарувањето откако Јувентус загуби на домашен терен од Удинезе, па „старата дама“ за првпат сезонава врза два пораза во Калчо-лигата.

Ова значи и зголемување на негативата во однос на лидерот Интер на дури седум бода, а Алегри се соочува со предизвик што поскоро да најде излез од непосакуваната ситуација.

„Ова е тежок момент, освоивме само еден бод во последните три рунди. Мораме да се вратиме во ритам и да го оствариме она што е наша главна цел – да стигнеме до место во ЛШ за наредната сезона. Ситуацијата не е добра, но факт е дека немавме среќа со Удинезе. Противникот даде гол од единствениот шут што го упати, додека ние само во првото полувреме имавме три-четири одлични шанси“, изјави Алегри.

Тој уште еднаш потенцираше дека Интер е апсолутен фаворит за титулата и дека погледите на Јувентус се насочени во друг правец.

„Фактот што бевме толку блису до Интер секогаш ни беше мотивација, но мораме да бидеме реални. Но јас и тогаш велев дека Интер има неверојатна сезона, тоа е одличен тим и проект што се гради со години наназад и не сум изненаден од нивните резултати: Ние пред две години тргнавме по еден поинаков пат, нашата цел е повторно да играме во Лигата на шампионите“, истакна стратегот на Јувентус.

Се вчитува...