Јувентус по девет години не успеа да ја мине групната фаза од Лигата на Шампионите, уште еден доказ за очајната форма на „старата дама“ во оваа натпреварувачка сезона. Масимилијано Алегри не делува како тренер што знае да го извлече максимумот од овој тим, во прилог не му одат ниту честите повреди на клучните фудбалери, но претседателот Ањели останува на ставот дека Алегри треба да остане на чело на екипата.
Трофејниот стратег ќе го преживее и фијаското во Лисабон, каде Јувентус имаше убедливи 4-1 негатива пред да го ублажи поразот на нешто поподносливи 4-3. Ањели веќе ставил до знаење дека нема да дојде до тренерска смена во наредните денови, но извори блиски до првиот човек на клубот тврдат дека Алегри нема долгорочна иднина во Јувентус и тешко дека ќе го дочека почетокот на 2023 година како шеф на стручниот штаб на „старата дама“.
Според овие информации, Ањели го чека завршувањето на СП во Катар за да донесе нов тренер, а негов прв избор е актуелниот селектор на Франција, Дидие Дешамп. Јавна тајна е дека Зинедин Зидан го чека овој мундијал за по него да седне на клупата на „триколорите“, нешто што ќе се случи дури и доколку Дешамп во Катар ја одбрани светската круна освоена пред четири години во Русија. Тој пак е заинтересиран за враќање на клупскиот фудбал, а Јувентус му нуди тоа да го стори веднаш.
Ова би претставувало враќање на Дешамп во таборот на „старата дама“, каде настапуваше како играч од 1994 до 1999 година, а потоа и беше тренер во сезоната 2006/07, кога го врасти Јувентус во првата лига по исфрлањето во Серија Б поради скандалот Калчополи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА