Самото доаѓање на Масимилијано Алегри на клупата на Јувентус беше лоша вест за Кристијано Роналдо, а трофејниот стручњак потврди дека не е голем фан на Португалецот откако го избра Пауло Дибала пред него како клучна фигура во нападот на Јуве за наредната сезона. Двајцата голгетери имаат само уште по една година од актуелните договори, управата е решена да продаде еден од нив, а Алегри го избрал Дибала како играч што треба да остане, отворајќи ја широко вратата за заминување на Роналдо.
Аргентинецот пристигна од Палермо во Јувентус токму во периодот кога Алегри ја водеше „старата дама“, овој стручњак е свесен за квалитетите на Аргентинецот кој не само што постигнува голови, туку и го разигрува остатокот од тимот. Поради ова, тој дал налог до клупските директори што поскоро да бидат рестартирани преговорите со агентот на Дибала и да биде понудена повисока сума од онаа што досега Јуве му ја нудеше на овој фудбалер.
Се очекува средствата да бидат покриени од заминувањето на Кристијано Роналдо, кој веднаш по ЕВРО 2020 би си заминал од Јувентус. Неговата вредност се повеќе паѓа, Јуве сега би бил задоволен и со 40 милиони евра отштета, бидејќи со самото тоа би заштедил 31 милион евра што треба да му ги исплати како плата на Кристијано.
Сепак, проблем ќе биде да се најде купец за португалската мегаѕвезда што би ја покрил оваа плата, особено откако Реал Мадрид и Манчестр Јунајтед ја затворија вратата за камбек на Кристијано во нивните редови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА