Алегри воведува челична дисциплина во Милан: Нема веќе мобилни, кој задоцни…

Милан ја заврши една од најкатастрофалните сезони во последните две децении без освоен билет за европските купови во сезоната 2025/26, што беше причина управата да престане да експериментира со тренери, туку на клупата да го врати Масимилијано Алегри.

Трофејниот стручњак дефинитивно знае како се победува во италијанскиот фудбал, а Алегри веќе стави до знаење дека ќе инсистира на челична дисциплина од своите фудбалери. Макотрпна работа е единствениот пат до успехот, па искусниот стратег веќе најавил дека ќе се тренира два пати дневно од првиот ден на подготовките, па се до крајот на сезоната.

Притоа, недисциплината што го красеше тимот под Фонсека и под Консеисао ќе мора да биде искоренета, а Алегри веќе испратил и листа на работи на кои ќе инсистира од сите фудбалери.

Доцнењето на тренинг е недозволиво, а оној кој нема да биде присутен на време не само што ќе биде финансиски казнет, туку и автоматски нема да биде во комбинација за наредниот натпревар на „росонерите“.

Употребата на мобилни телефони ќе боде забранета во соблекувалната, но и меѓу состаноците и оброците, така што играчите ќе мора да бидат максимално фокусирани само на фудбалот додека се присутни во тренинг-центарот. Ќе биде обрнато внимание и на нивната тежина, поради што ќе се инсистира доручекот и ручекот сите да го јадат во „Миланело“, а за вечера ќе имаат пропишано листа на оброци што смеат да ги јадат по враќањето во нивните домови.

Алегри очигледно е решен да сврти нов лист, а останува да видиме дали ваквите нови правила ќе донесат и позитивни резултати на почетокот од новата сезона.

Се вчитува...