Алек Јончевски е стратегот што е апсолутен фаворит во трката за селектор на македонската репрезентација откако беше обелоденета разделбата од Драган Бајиќ по неуспешниот експеримент со српскиот стратег на клупата на националниот тим. Претседателот Перо Антиќ упорно инсистираше на продолжување на соработката со Бајиќ, но сега кога тренерот на Игокеа си замина од кормилото едногласен е ставот во федерацијата негов наследник да биде македонски стручњак, кој ќе има подолгорочна задача суштински (а не само на зборови) да го спроведе подмладувањето во националниот тим.
Алек Јончевски се истакнува во преден план пред се како тренер што долги години е дел од стручниот штаб на репрезентацијата. Тој првпат беше асистент во националниот тим на Марјан Лазовски во квалификациите за ОИ што се одржаа во Венецуела, а потоа му помагаше и на Марјан Србиновски на Евробаскет 2015, последното учество на Македонија на едно големо кошаркарско натпреварување. Јончевски беше дел и од стручните штабови на Јорданчо Давитков и сега на Драган Бајиќ, па со оглед на собраното искуство и тренерските квалитети (освоени трофеи со МЗТ Скопје) јасно е зошто тој е „прв пик“ на федерацијата во изборот за нов селектор.
Преговорите се очекува да се интензивираат на почетокот од следната седмица, а Јончевски најдоцна до крајот на месец јули и официјално да биде промовиран во нов селектор на Македонија.
Првиот предизвик новиот селектор ќе го има веќе кон крајот на наредниот месец, на стартот од претквалификациите за Евробаскет 2025, гостувањето во Данска на 25 август и домашниот натпревар против селекцијата на Словачка три дена подоцна.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА