Македонскиот селектор Алек Јончевски предвреме ја заврши авантурата во полскиот шампионат како предводник на Шљонск, откако беше објавено дека овој клуб ја прекинува соработката со кормиларот на нашиот национален тим.
Јончевски бележеше добри резултати на клупата на Шљонск, овој клуб се наоѓаше на 13. место пред доаѓањето на Македонецот, успевајќи да влезе во победничка серија под водство на нашиот стручњак. Сепак, последните два минимални пораза (од Љубљин со 85-83 и од Добра Горница од 70-68) придонесоа управата неочекувано да го загуби трпението и да се реши за тренерска смена, иако тимот моментно се наоѓа на осмото место на табелата, пласман кој носи учество во плејофот.
„Договорот со македонскиот стратег Алек Јончевски е раскинат, името на новиот тренер ќе биде објавено наскоро. Јончевски ја водеше екипата на вкупно 19 средби во сите натпреварувања (полското првенство, Купот на Полска и ЛШ на ФИБА), при што забележа 10 победи. Му благодариме на тренерот за неговата соработка и му посакуваме многу успех во идните ангажмани“, се вели во клупското соопштение на Шљонск.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА