По три неуспешни обиди, Вардар конечно стигна до посакуваното место на Ф4 турнирот од Лигата на шампионите во Келн. Европската титула е сон за сите во Вардар, а посебно за десниот бек Алекс Душебаев за кого тоа ќе биде и последен настап во „црвено-црниот“ пред преселбата во полскиот Кјелце.
„Среќен сум што конечно стигнавме до завршната фаза во ЛШ. Овој Фајналфор е многу важен за нас. За мене ќе биде посебно емотивен бидејќи таму ќе ги одиграм последните два натпревари за Вардар во Лигата на шампионите“ – вели Алекс Душебаев во интервјуто за официјалниот сајт на ЕХФ.
Шпанскиот репрезентативец, откри дека ја посакува европската титула уште откако пристигнал во Скопје пред четири години.
„Уште кога дојдов во тимот, мојот сон е да ја освојам титулата со Вардар. Знам дека ќе биде тешко. Сепак, ние ќе се бориме во Келн и ќе уживаме во сите предизвици што се пред нас“ – истакнува шпанскиот репрезентативец во дресот на Вардар.
Во своето прво полуфинале на Ф4 во Келн, Вардар за противник ќе ја има Барселона. Тоа ќе биде македонско-шпански дуел од повеќе аспекти. Вардар го има Раул Гонзалес на клупата и неколку шпански репрезентативци во составот, а на другата страна во Барселона се двајцата македонски репрезентативци, Кирил Лазаров и Борко Ристовски.
„Во овој момент Барселона е меѓу четирите најдобри екипи во светот. Играат одличен ракомет, нивната одбрана функционира многу добро и имаат еден од најдобрите голмани во светот. Токму затоа, ние мора да играме паметно во нападот. Од друга страна, тие исто така имаат добри шутери како Ваел Жалуз и Кирил Лазаров и ние треба да ги сопреме нив. Ако успееме во тоа, тогаш имаме шанса за нов успех“ – вели Алекс Душебаев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА