лександар Давидов – Инструктор за најталентираните млади кошаркарски судии од Европа Александар Давидов, еден од водечките македонски кошаркарски судии со богато меѓународно искуство во АБА лигата, годинава е меѓу избраните инструктори на престижниот Сканиа Куп во Стокхолм, Шведска.
Сканиа Куп во Стокхолм претставува важна платформа за талентираните млади судии кои имаат уникатна можност да учат од најдобрите во професијата, како и да го развијат своето знаење за најсовремените стандарди и практики во кошаркарското судење.
Како дел од висококвалификуван стручен тим, Давидов го споделува своето знаење и искуство со најперспективните млади судии од целиот континент. Тој работи рамо до рамо со врвни имиња од Евролигата, меѓу кои Гитис Вилиумис, Мигуел Перез, Кристапс Константиновс, Салиус Рициус, Едвард Удиански, Пиотр Пастусиак, Драган Медан и други реномирани судии. Овој ангажман претставува големо признание не само за професионалноста на Давидов, туку и за развојот на македонската кошаркарска судиска сцена, која сè почесто добива меѓународно внимание.
„Чест е да се биде дел од ваква елитна група и да се работи со млади луѓе кои имаат желба да напредуваат и да станат идни лидери на теренот. Ова е и можност за размена на искуства и нови знаења што придонесуваат за унапредување на целиот спорт,“ истакнува Давидов.
Со учеството на Сканиа Куп како инструктор, Давидов уште еднаш потврдува дека македонските судии имаат што да понудат на европската сцена – не само на теренот, туку и како ментори и лидери во судиската едукација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА