Александар Ставрев со порака: Шкендија ја очекува навивачки „пекол“ во Мадрид

Нема да им биде лесно на фудбалерите на Шкендија на првиот меч од групната фаза во Конференциската лига во Мадрид каде на 2 октомври играат со шпанската екипа Рајо Ваљекано, членка на Ла лига , која во изминатото првенство го освои осмото место во најсилната лига на Шпанија. Ги очекува навивачки пекол на Арената „Естадио де Валекас“ кој собира 15.000 гледачи и кој е секогаш распродаден со годишни билети за неговите навивачи. За секој првенствен  меч остануваат во продажба само 300 билети. Толку се големи вљубеници во фудбалот навивачите на Рајо Ваљекано чиј стадион се наоѓа далеку од центарот на Мадрид.

Во тоа се има уверено и нашиот, до неодамна најдобар меѓународен фудбалски судија Александар Ставрев, кој по пензионирањето е контролор на листата на УЕФА. Тој пред неколку дена  во Мадрид, на истиот стадион на реванш мечот од плејофот за пласман во групната фаза во Конференциската лига го контролираше судењето на мечот меѓу Рајо Ваљекано и клубот од Белорусија Неман Гродно/4:0/. И во првиот меч во гости Рајо Ваљекано победил со 1:0. Инаку, според рејтингот на шпанските клубови во УЕФА, Рајо Ваљекано не играше квалификациони мечеви  туку директно играше во плеј оф во оваа лига на Европа.

„Бев импресиониран од амбиентот на овој „минијатурен“ срадион и од едно невидено навивање  на наивачите на Рајо Ваљекано од првата до последната минута.  Беше тоа вистински навивачки пекол. Меѓутоа морам да нагласам, спортско навивање, без навреди кон гостинската екипа, на терен не беше фрлена ниту една петарда, гледачите пееја , навиваа,  на крајот со аплауз ги испратија гостинските фудбалери. Екипата на Рајо Ваљекано игра брз фудбал, со опасни напади од крилни позиции на што одбраната на Шкендија мора да внимава и да се обиде да не биде импресионирана од тој навивачкиот пекол. Впрочем, пред два дена имавме можност на ТВ да ја видиме силата и квалитетот на играчите на Рајо Ваљекано кои на свој терен одиграа нерешено со фудбалскиот шпански гигант Барселона. Тој резултат најдобро говори колку ќе и биде тешко на Шкендија на ова гостување“, истакна Ставрев.

М.М

Се вчитува...