Цели четири години Александар Трајковски живееше и тренираше во Палермо. Од 2015 до 2019 година, македонскиот херој беше во овој град. И како што многумина сакаат да кажат, во животот нема случајности. Така и кај Александар. Судбината сакаше токму во Палермо да го постигне одлучувачкиот гол со кој Македонија испиша нова страница во фудбалската историја, и се најде на чекор до пласман на Мундијалот во Катар.
Човекот кој толку многу ги радуваше навивачите на Палермо со своите настапи на „Ренцо Барбера“ и низ цела Италија, вечерва ги расплаче, и ја израдува цела Македонија. Ги шокираше фудбалските аналитичари и фанови во Светот. Сите дознаа за Македонија, а спортските медиуми со неверување ја примаат веста дека Италија ќе ја нема на Мундијалот во Катар, и второ Светско првенство по ред ќе биде без „азурите“.
Ако некој од нашите играчи толку добро го знае стадионот во Палермо, како и целокупната атмосфера и градот, тоа е токму Трајковски. Подобро и од големиот дел на италијански фудбалери. Можеби требаше Италијаните повеќе да внимаваат на него. Но, нам ни одговара. Ја искористи шансата, даде гол, и оваа победа ќе ја славиме уште долго во ноќта, долго и во следните години, и ќе се сеќаваме вечно на неа. Сигурно дека и фановите на Палермо и целиот град сега подобро ќе се сеќава на него.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА