Александар Зинченко – Контроверзниот бунтовник кој побегна од Шахтјор да игра во Русија

За ЕКИПА пишува: Игор Семјон – „Уа-фудбал“, Украина

Денеска, речиси половина од фудбалерите во националниот тим на Украина играат во топ-лигите во Европа, но пред пет-шест години тоа не беше така, кога голем дел од „жолто-синиот“ дрес го сочинуваа играчи од Динамо Киев, Шахтјор и Дњипро.

Јехвен Конопљанка го напушти Дњипро и својата комфорна зона во Украина. Потоа Андриј Јармоленко премина во Бундеслигата, но оваа приказна не е за нив. Се работи за фудбалер на кој првиот настап за Украина предизвика многу контроверзии. Тој своето деби го имаше како играч кој игра во странска држава, но не е ниту  една од топ-лигите во Европа, туку шампионатот во соседната Русија која во тоа време не беше баш пријателски настроена кон Украина. Во 2015 година Русија го окупираше Крим година дена по конфликтот во Донбас.

Тогаш Зинченко играше за малку познатата УФА и беше неискусен млад фудбалер кој во својата земја стана познат како бунтовник. Затоа неговиот повик за репрезентацијата за мечот против Шпанија во квалификациите за Европското првенство 2016 ги изненади навивачите. А, уште поголемо изненадување беше неговиот настап на теренот на тој натпревар.

Што се однесува до неговите фудбалски способности Зинченко беше далеку од топ-левел па дури и согласно украинските стандарди. Уште имаше само 18 години и се сметаше дека не е ништо повеќе од само уште еден перспективен фудбалер. Сепак, стручниот штаб реши да го забрза неговиот напредок, бидејќи се појавија шпекулации од желбата на Русија да го натурализира. Така на 10. октомври 2015 година стана еден од најмладите дебитанти во историјата на Украина, а на 29. мај 2016 година неговиот гол против Романија го направи најмлад фудбалер кој стрелал за Украина во историјата. За нешто повеќе од пет години стана најмладиот капитен во историјата на националната репрезентација.

Неговиот пат беше исполнет со истрајност, флексибилност и многу храброст. Претходно Зинченко со причина беше бунтовник, бидејќи неговото бегство од Шахтјор се уште го иритира раководството на клубот од Доњецк. Зинченко никогаш не играше за првиот тим на клубот, но беше капитен на тимот до 19 години. Сепак, 2014 одлучи да замине.

Шахтјор раскинувањето на договорот со Зинченко го сметаше како еднострана иницијатива од играчот. Поднесоа тужба и ФИФА го казни со 8.000 евра, но од клубот беа незадоволни од оваа одлука. Случајот замина во Судот за спортска арбитража во Лозана, каде Зинченко го доби спорот. Во февруари 2015 потпиша договор со УФА каде остана година и половина.

Неговата одлука да расипе односите со Шахтјор беше храбра. Зинченко не беше сигурен за својата иднина, а во периодот пред заминување од Шахтјор и потпис со УФА ја одржуваше формата тренирајќи со аматери. Шансата во УФА се појави случајно. Планираше да се приклучи на Рубин Казан, но агентите не успеаја да се договорат поради правните закани кои висеа над Зинченко, а се чинеше дека тој попрво би добил на лото отколку да напредува во некој од најдобрите европски клубови.

КАКО ГВАРДИОЛА ГО СОБРА ВО МАНЧЕСТЕР СИТИ

Меѓутоа Украинецот ја извлече својата среќна карта. Приказната како Зинченко стана фудбалер на Манчестер Сити брзо стана народна приказна во Украина. Вели дека видеозапис од акција на Зинченко му била покажана на Гвардиола, а тој на тоа кажал само „одиме“. Можеби знаел дека во Украина постојат талентирани играчи. Во Барселона тој лобираше за трансфер на Дмитри Чигрински. Можеби во Зинченко брзо видел потенцијал. Без разлика на причината, договорот се случи.

Новото патување почна. Неуспешната позајмица во ПСВ (каде одигра само седум натпревари), долгиот период без дадена шанса во Сити, одбивањето да замине на позајмица во Наполи и Вулверехмптон не му предвидуваа успешна кариера, но сепак неговиот влез во првиот тим стигна. Сега е важен играч на еден од најдобрите клубови во светот. Зинченко можеби не е најдобриот бек со кој Гвардиола соработувал, но сигурно е еден од неговите најдобри ученици. Тој ги впива тренерските тактики и совети како сунѓер.

Во Сити се префрли од средниот ред на лев бек. Овој факт многу говори за флексибилноста на Зинченко. Во репрезентацијата се уште игра како играч за врска, но и тука, како и во Сити е подготвен да игра таму каде ќе биде најкорисен за тимот.

Украина под водство на Шевченко се обидува да игра тактички разновиден фудбал. Постојат неколку основни принципи. Употреба на кратки и средни додавања, брзо напредување кон напред и притисок. Екипата својот врв го достигна во текот на квалификациите за ЕВРО 2020, кога во Лвов ја победи репрезентацијата на Србија со 5-0. Исто така европските шампиони предводени од Роналдо, беа поразени во Киев со 2-1. Украина заврши на врвот во квалификациската група и со големи очекувања патува на ЕВРО. Зинченко е еден од оние од кои најмногу се очекува на првенството.

Зинченко е лидер и секогаш отворен за медиумите. Тој е симбол на новата генерација украински фудбалери. Неговата прослава по победата над Португалија небројно пати е репризирана на украинските телевизии. Активен е многу и на социјалните мрежи, а неговата отвореност ги инспирираше и останатите фудбалери да бидат поотворени за јавноста.

На крајот, тој летово е еден од тие кои треба да покажат дека Украина е фудбалска нација.

Се вчитува...