Челниците на Арсенал се уште се надеваат дека ќе го убедат Месут Озил да потпише нов договор, но кога станува збор за Алексис Санчез тука веќе нема дилеми – чилеанскиот ас летово ќе си замине од „Емирати“. Тој веќе одби неколку понуди за продолжување на соработката, а фактот дека ги има нарушено односите со Арсен Венгер, но и со голем дел од останатите првотимци на Арсенал придонесе раководството на „топчиите“ воопшто да не ги продолжува преговорите, туку да почне со подготовки за продажба на својот најдобар стрелец во последните неколку сезони.
Иако во изминатите месеци се споменуваа бројни клубови кои искажуваа интерес за поранешниот фудбалер на Барселона, последните информации говорат дека само два клуба се максимално сериозни во својата желба да го ангажираат Алексис. Едниот е Челси, кој е подготвен да му даде на Чилеанецот плата од 250.000 фунти неделно. Алексис во неколку наврати потенцира дека е задоволен од животот во Лондон, што е најава дека Челси е сериозна опција за него, но „топчиите“ во моментов не сакаат ни да чујат за продажба на својот најдобар фудбалер на свој директен ривал од Премиер-лигата.
Вториот клуб, со кого Арсенал е подготвен за разговори, е францускиот ПСЖ. „Светците“ се во потрага по играч кој би му бил партнер во нападот на Кавани, а Алексис делува како идеално решение ако се знае дека одлично се снаоѓа како „полушпиц“, веднаш зад играчот кој делува как класичен напаѓач.
Парите никогаш не се проблем за арапските газди на ПСЖ, но останува да се види дали тие ќе се согласат да платат 50 милиони евра (колку што бара Арсенал за Санчез) ако се знае дека овој фудбалер ќе има само уште 12 месеци од актуелниот договор и наредното лето ќе може да си замине без никаква отштета.
Се чини дека Арсенал ќе мора да ја намали сумата што ја побарува, останува да се види во кој правец ќе течат преговорите, но едно е јасно – Алексис Санчез по завршувањето на сезонава ќе го напушти клубот од „Емирати“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА