ЕКИПА во Гдиња,
Никола Ѓуровски, Владимир Булатовиќ, Игор Паневски
Дуелот со Шпанците мора да се заборави. Без разлика на убедливиот пораз, тоа мора да остане зад нас а фокусот комплетно да се стави на останатите два натпревари во групата, против Србија и Португалија. Тоа го вели и голманот на младата репрезентација на Македонија, Игор Алексовски кој смета дека наградата за сработеното на терен, која не ја добивме против Шпанците, ќе ни се врати веќе за утрешниот натпревар против Србите во Бидгошч.
„Искрено јас не верувам во среќа туку во заслуженото на терен. Против Шпанија заслуживме многу повеќе од убедливиот пораз кој го доживеавме, затоа мислам дека утре против Србија тоа и ќе ни се врати. Но, веќе не сакаме да се враќаме назад на дуелот со Шпанците, максимално сме фокусирани на тоа што не очекува до крајот на ЕП. Имаме квалитет, но пред се желба и огромни мотиви да стигнеме до позитивен резултат веќе против Србија“ – вели Алексовски и дополнува:
„Србите имаат квалитетни поединци кои играат и во звучни клубови во најсилните европски лиги, но реално не се машинерија како Шпанија и со нив можеме да се надигруваме. Сите веруваме дека вториот меч на шампионатот ќе биде многу поуспешен резултатски за нас, и на крај ќе се радуваме на првите бодови на Европското првенство“.
Репрезентативците денеска официјалниот тренинг пред утрешниот натпревар со Србија ќе го одработат во Бидгошч, за каде е планирана и прес-конференцијата пред мечот на селекторот Благоја Милевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА