Алексовски: Изгоревме во желбата да се надигруваме со Шпанија

ЕКИПА во Гдиња,

Никола Ѓуровски, Владимир Булатовиќ, Игор Паневски

Нема полошо за еден голман кога во еден историски меч за Македонија дури пет пати ќе ја вади топката од својата мрежа. Игор Алексовски беше последниот бедем пред налетите на Шпанците, но не успеа да скроти дури пет шута кон својот гол. Тоа си носи секако разочарување, но младиот голман е сигурен дека нашиот национален тим ќе се прикаже во многу подобро издание на следниот меч со Србија, во вторник во Бидгошч, со почеток во 18 часот.

„Тешко е да се зборува по еден ваков пораз. Мислам дека не заслуживме да загубиме толку убедливо, иако јасно е дека Шпанците си ја покажаа својата класа. Но, погодија речиси се. А, ние како да изгоревме во желбата да се надигруваме со нив. Сепак, и покрај убедливите 5-0, се надевам дека покажавме како знаеме да се бориме за македонскиот дрес. Верувам дека веќе на следниот натпревар со Србија ќе биде многу подобро. Не смееме сега премногу да се разочаруваме, затоа што брзо доаѓаат и другите два меча од ЕП, на кои можеме да го подобриме впечатокот. Така беше и на стартот од квалификациите, загубивме од Исланд до 3-0, а потоа почна онаа прекрасна серија која на крајот и не донесе на ЕП во Полска“, изјави голманот Игор Алексовски.

Се вчитува...