Езгијан Алиоски со својот Фенербахче и Ердал Ракип со својот Малме се квалификуваа во групната фаза во Лигата на Европа и со тоа му се приклучија на Иван Тричковски кој нешто порано денеска со неговата АЕК Ларнака стигна до истиот успех.
Фенербахче по победата минатата седмица на гостувањето кај Австрија Виена од 0-2, овојпат и на домашен терен беше поуспешен со 4-1. Алиоски ги одигра сите 90 минути за турскиот великан.
Малме и Ракип исто така успеаја да ја задржат позитивата од првиот меч (3-1), откако вечерва триумфираа и во реваншот во Турција против Сиваспор 0-2. Асистент на првиот гол за Малме беше токму нашиот интернационалец.
Пласман во групната фаза во Лигата на Европа обезбедија и: Лудогорец, Хелсинки и Омонија.
Никола Серафимов и неговиот МОЛ Фехервар не успеаја да направат сензација против бундеслигашот Келн. Откако во првиот меч славеа на гостувањето во Германија со 1-2, во реваншот не успеаја да ја задржат предноста откако големиот фаворит славеше со 0-3.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

