Џани е сега во мода во светскиот фудбал. Џани Инфантино е нов претседател на ФИФА, а Езгјан Алиоски, кој го носи прекарот Џани, е едно од напријатните изненадувања во овој квалификациски циклус за СП 2018 во Русија. Не играше против Лихтенштајн поради жолти картони, но се врати со одлична игра на денешниот пријателски натпревар против Белорусија. Триумфот од 3-0 ги разгали љубителите на фудбалот, кои сепак не дојдоа на стадион во голем број да ја видат во живо одличната игра на Македонија, а Алиоски беше како фурија по левата страна. По неговата асистенција, Горан Пандев го постигна погодокот со глава, за конечни 3-0.
„Имаме фантастична атмосфера во репрезентацијата, и кога е така – мораше да дојдат и резултатите. Среќни сме што остваривме две победи во низа, одигравме навистина квалитетен дуел со Белорусија и тоа е уште еден мотив повеќе за нас да продолжиме со слични изданија и во иднина, а и повик за гледачите да дојдат и да не бодрат“, истакнува Џани Алиоски.
Селекторот Игор Ангеловски и на овој меч излезе со офанзивна формација, а таков стил на игра му одговара на брзиот Алиоски.
„Во Лугано играм на десната странична позиција, во репрезентацијата сум на левата страна, но се трудам да го дадам својот максимум. Уште еднаш ќе кажам, изградивме еден одличен дух, заедништво, и мислам дека сега тоа почна да носи резултати. Верувам дека во иднина ќе бидеме уште подобри и дека Македонија ќе ја радуваме со вакви победи“, дополни Езгјан Алиоски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА