Алиоски испадна од ЛЕ, крај на европската авантура на Ристовски со Сараево

Македонските интернационалци немаа среќа во вечерашните европски натпревари откако Езгијан Алиоски и Стефан Ристовски не успеаја да ги минат пречките на гостински терен.

Алиоски со Лугано во квалификациите за Лигата на Европа играше против Клуж, по 90 минути игра резултатот во Романија беше идентичен какоо и на првиот дуел (0-0), со тоа што Лугано имаше два поништени погодоци со ВАР. Клуж во продолженијата од два пати по 15 минути успеа да постигне гол, што значеше преселба на Лугано во квалификациите за Конференциската лига на УЕФА.

Алиоски беше стартер, имаше жолт картон во првото полувреме, а беше заменет во 111. минута, при негатива на неговиот тим од 1-0.

Стефан Ристовски беше дел од одбраната на Сараево при убедливиот пораз од Универзитет Клуж од 4-0. По првите 45 минути резултатот гласеше 0-0, но Романците одиграа фуриозно второ полувреме во кое ја наполнија мрежата на претставникот на БиХ. Ристовски ги одигра сите 90 минути за гостинскиот тим при овој убедлив пораз. Агон Елези влезе во игра во второто полувреме при резултат 1-0, но нашиот репрезентативец се вклопи во сивилото на босанскиот тим до крајот на овој меч.

Данди Јунајтед се пласираше во следната фаза од квалификациите за Конференциската лига откако шкотскиот тим и на реваншот славеше со 1-0 над Страсен од Луксембург. Кристијан Трапановски беше стартер, но Македонецот заработи незгодна повреда и мораше да биде заменет уште во првото полувреме.

Се вчитува...