Македонија од 20:45 часот на националната арена во Скопје го игра шестиот свој натпревар во рамките на Групата Г од квалификациите за СП 2018.
Дуелот против моќната Шпанија е повеќе од сериозен мотив за секој поединец во македонската репрезентација. Свесни се сите во селекцијата на Игор Ангеловски дека од вакви натпревари единствено може да се добие, за себе, за црвено-жолтиот дрес и за Македонија. Без разлика што за нас квалификациите се веќе завршени од аспект на некаква битка за пласман на СП.
„Секој натпревар во репрезентацијата е важен за нас. Овој е посебен, кога играме против селекција како Шпанија. Јасно е дека нема што да загубиме, вечерва може само да добиеме. Не можеме да им се закануваме на Шпанците, но може сигурно да ветиме наша максимална игра и обид со поддршка од навивачите да ги изненадиме. Ако е можно тоа…“ – вели крилниот офанзивец Езгијан Алиоски пред денешниот натпревар.
По пет кола, Македонија во Групата Г од квалификациите е на претпоследната, петта, позиција со три бода, единствено пред Лихтенштајн. Шпанија и Италија се на врвот со по 13 бода, Израел е на третото место со 9 бода, а Албанија има 6 бода.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА