Алиоски по освоената титула во азиската ЛШ: Ова е мојот најголем успех!

Македонскиот интернационалец Езгјан Алиоски се закити со трофеј во азиската Лига на Шампиони каде неговиот Ал Ахли славеше во големото финале одиграно во Џеда со 2-0 над јапонскиот Кавасаки.

Во разговор за албанскиот „Телеграф“, Македонецот не го криеше задоволството од освоениот трофеј за кој вели дека е најголем во неговата кариера.

„Секако зборуваме за најголемиот успех во мојата кариера, трофеј што ме прави многу горд на трудот и работата што ја направив сите овие години. Многу, многу сум среќен за себе, за моето семејство и за сите оние што ме поддржуваа.

Задоволство е да се биде дел од тим со вакви ѕвезди, но и со многу други исклучително квалитетни играчи. Играњето меѓу нив дефинитивно ве прави да се чувствувате посилни и вашиот квалитет полесно доаѓа до израз.

Не знам дали има зборови да го опишам она што го доживеав и она што го чувствувам! Искрено велам, нешто фантастично, магично, спектакуларно! Извонреден успех, кој за мене има уште подобар вкус знаејќи дека зад себе оставив не толку лесен период. Но, трпението конечно е наградено. Не можев подобро да го замислам. Фала му на Бога“, изјави Алиоски.

Се вчитува...