Алиоски потпишува за пет милиони фунти пред крајот на годинава

Езгијан Алиоски сака да остане, Марсело Биелса сака да го задржи, а управата на Лидс конечно реши да тргне во акција и да му понуди нов договор на македонскиот репрезентативец, за продолжување на престојот на „Иланд Роуд“. Алиоски се наметна како важен играч кај Биелса и во Премиер-лигата, а со оглед на фактот дека договорот му истекува на крајот од сезонава, челниците на Лидс конечно донесоа одлука да му понудат нов четиригодишен договор.

Желбата за останување кај самиот фудбалер е очигледна, поради што англиските медиуми најавуваат дека сите детали ќе бидат средени во следните дваесетина дена. Целта е јасна, Алиоски да потпише нов договор пред да се најде во ситуација на шест месеци до истекот, од 1 јануари да биде слободен да преговара за преддоговор со други клубови.

За таа цел, во текот на следната седмица ќе му биде понудена плата од 30.000 фунти неделно за наредните четири години, или вкупно пет милиони фунти, плус бонуси во зависност од неговите лични настапи и резултатите на тимот. Лидс веќе на сличен начин ги „врза“ Купер, Далас, Ејлинг и Клих, а сега е подготвен истото да го стори и со Алиоски, како еден од најзаслужните што Лидс успеа да обезбеди пласман во Премиер-лигата.

Се вчитува...