Македонскиот репрезентативец Езгијан Алиоски со вчерашниот погодок на гостувањето против Барнсли во Чемпионшип лигата во Англија си се запиша во книгата на статистички занимливости од Лидс, како еден од само двајца фудбалери кои во историјата на клубот успеале да постигнат погодок на секој натпревар во еден календарски месец.
Алиоски, вчера го постигна петтиот свој гол во дресот на Лидс сезонава, притоа четврти во месец ноември. Македонскиот фудбалер на тој начин успеа да постигне гол на сите четири натпревари за Лидс играни во ноември. Стрелаше против Брентфорд, против Мидлсборо, Вулверхемптон и Барнсли. Ова досега му успеало само на поранешниот репрезентативец на Австралија, Марк Видука кој во март 2001 година постигнал гол на сите пет натпревари од тој месец во дресот на Лидс.
Марк Видука е една од најзапазените фигури на Лидс во 21. век кој во периодот од 2000 до 2004 година одигра 130 натпревари за тимот постигнувајќи и 60 голови.
Следниот натпревар на Лидс во Чемпионшип лигата сезонава е во нов календарски месец, на 1. декември против Астон Вила.
Алиоски вчера по победата над Барнсли од 0-2 во која постигна навистина прекрасен погодок, и преку својот Твитер профил отворено ја потенцираше улогата на тимот во освојувањето на трите бода…
„Запознајте ги победниците – горд на учинокот на тимот“ – напиша Алиоски објавувајќи фотографија со соиграчите од соблекувалната на Лидс.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА