Алиоски: Во Швајцарија ми рекоа да се откажам од фудбалот, а јас стигнав до Премиер-лигата

Македонскиот репрезентативец Езгијан Алиоски од следната сезона ќе игра во англиската Премиер-лига, еден од ретките македонски фудбалери кои ќе ја почувствуваат големината на елитниот фудбал на Островот.

Алиоски, во интервјуто за швајцарски „Блик“, потенцира дека е горд што од отпишан фудбалер стигнал да игра во една од најсилните светски лиги.

„Кога сега ќе се сетам некако со потсмев гледам на тие денови. Од Јанг Бојс ми рекоа дека не сум доволно добар за да бидам професионален фудбалер, и најдобро ми е да се откажам од фудбалот, и тоа откако минав десет години во овој клуб. Бев премногу тажен. Се разочарав, но не се откажав. Напротив. Почнав со мојот татко и со мојот брат напорно да тренирам сам. Бев упорен, и потоа се појави Шафхаузен кој ми даде шанса и успеав“ – вели Алиоски.

Фудбалерот на Лидс е пресреќен што е дел и од македонската репрезентација со која се надева на настап на ЕП.

„Имаме одлична атмосфера во репрезентацијата, извонредни фудбалери кои играат во најсилните првенства и тоа ни дава силна надеж за пласман на ЕП што би било остварување на уште еден сон за мене“ – вели Алиоски.

Се вчитува...