Алкалоид се пласираше во осминафиналето од ЕХФ Европскиот куп откако освојувачот на Купот на Македонија и на вториот дуел со австриска Вест Виена стигна до рутинска победа. Вчерашните „плус 11“ го решија патникот во следната рунда, но тимот на Кире Лазаров и денеска одигра поквалитетно, контролирајќи го резултатот и заслужено славејќи со 32-29. Лазаров повторно им даде шанса на сите ракометари, тоа воопшто не се одрази врз резултатот, нo фактот дека пласманот во осминафиналето веќе беше осигуран придонесе концентрацијата да не биде стопроцентна, па и победата не беше така убедлива како онаа вчерашната.
Мартин Велковски го постигна првиот гол за Алкалоид на мечот, израмнувајќи на 1-1. Нападот не функционираше добро на стартот, па Алкалоид остана на тој еден гол се до седмата минута, кога Серафимов погоди од пеналот што го изнуди Бинго, за израмнување на 2-2. Симоновски донесе прво водство на Aлкалоид од 3-2 во осмата минута, по што следеше период на ефикасна игра на двете страни. На половина од првото полувреме Алкалоид водеше со само еден гол предност (8-7), за што главен виновник беше австрискиот голман Флорин Веик со неколку одлични интервенции. При водство на Алкалоид од 9-8 гостинскиот тренер побара тајмаут, но македонскиот тим заигра подобро по таа минута одмор, набрзина стигнувајќи до 14-8 со седмерецот направен врз Стојковиќ, што Мартин Серафимов го претвори во нов гол за „сино-белите“. Исклучувањето на Бинго го наруши ритамот кај македонскиот тим, а Вест Виена го искористи тоа за да ја намали разликата, по што на одмор се замина со водство на Алкалоид од 16-12, со седмерецот што во последната секунда го реализираше Серафимов.
Гостите од Австрија продолжија со добра игра и на стартот од второто полувреме, намалувајќи на 18-16. Петковски и Франциско постигнаа голови за Алкалоид, прецизен од контранапад беше и Џонов, за Серафимов од нов пенал да го врати Алкалоид на оние „плус четири“ од полувремето (22-18). Галевски застана на голот во 43. минута на местото на Кизиќ и младиот голман веднаш собра две одбрани, а Алкалоид експресно поведе со 25-19. Обезбеденито триумф и пласманот во следната рунда придонесе во последните десетина минути да дојде до пад во концентрацијата на македонскиот тим, што придонесе разликата да не се зголеми, туку да падне на конечните 32-29.
Серафимов и Петковски беа најефикасни кај Алкалоид со седум погодоци вечерва, пред Џонов, Митев и Симоноски со по три постигнати гола.
Ждрепката за осминафиналните двојки од ЕХФ Европскиот куп е закажана за вторник, а овие натпревари на програмата ќе бидат во февруари 2025.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА