Алкалоид доби парична казна, жестока суспензија за АЕК

Дисциплинската комисија при ЕХФ долго размислуваше, за конечно да ги изрече санкциите за неодиграниот натпревар од финалето на ЕХФ Европскиот куп меѓу Алкалоид и АЕК.

Македонскиот тим веќе го доби службено натпреварот и со самото тоа се закити со европскиот трофеј, но од европската куќа на ракометот предолго тактизираа околу санкциите, откако побараа дополнителни изјави и од Алкалоид и од АЕК.

На крајот, денеска беше одлучено Алкалоид да биде санкциониран со парична казна од 5.000 евра поради недоделувањето на доволен број на билети, колку што побарал гостинскиот тим за натпреварот согласно пропозициите.

Сосема очекувано и заслужено, АЕК е жестоко казнет, па така на грчкиот клуб му е изречена двогодишна суспензија од европските натпреварување поради прекршување на фундаменталната обврска да се учествува во закажан натпревар.

„Тоа не само што значи неспортско однесување кон противниците, туку и повлекува сериозни последици прекшувајќи низа правила што повлекува санкциите од ЕХФ листата на казни. Поради сето ова, АЕК е казнет со двогодишна суспензија во натпреварувањето во Европа, од која половина од казната е условна, како и парична санкција од 20.000 евра“, се вели во соопштението на ЕХФ.

Се вчитува...