Алкалоид славеше над Вардар Неготино со убедливи 36-23 и за првпат во клупската историја обезбеди учество на завршниот турнир од Купот на Македонија. Амбициозниот скопски проект главната работа во својата група ја заврши со триумфот во вчерашното полуфинале над градскиот ривал Бутел, по што избраниците на Кире Лазаров во денешното финале ја оправдаа фаворитската улога и обезбедија билет за Ф4.
Гостите од Неготино одлично парираа во првото полувреме, во кое не дозволија фаворитот да се одлепи, а за момент имаа и минимално водство од 11-10. На одмор се замина со водство на Алкалоид од минимални 16-17, а очигледно е дека советите на Кире Лазаров на паузата вродија со плод бидејќи скопскиот клуб заигра далеку подобро на стартот од второто полувреме, отворајќи го со четири гола во низа, со серија од 6-1 практично решавајќи го прашањето на победникот. Фактот дека Вардар Неготино во второто полувреме постигна само седум погодоци најдобро ја илустрира доминацијата на Алкалоид, кој заслужено стигна до билет за фајналфор.
Дамјан Митев со седум гола беше најефикасен во победничкиот тим, во чии редови Стојков постигна шест, а Кофилоски, Стојковиќ и Симоноски по четири погодоци. Најдобар поединец во таборот на Вардар Неготино беше Адамовиќ со девет гола, осум од нив во првото полувреме.
За потсетување, пред Алкалоид учеството на Ф4 во Купот на Македонија како победници во своите групи го обезбедија и Пролет, Еурофарм Пелистер и Вардар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА