Ракометарите на Алкалоид претрпеа пораз и на вториот меч од баражот за влез во Лигата на Европа на ЕХФ против германски Хановер, овојпат во својата „Автокоманда“ со минимални 28-29. Патникот во групната фаза беше решен уште на првиот меч во Германија, Алкалоид денеска одигра далеку подобро, целосно парираше во пеколниот ритам на Хановер, имаше можност да стигне до победа, но промашените пенали и зицери повторно беа причина што тимот на Кире Лазаров не дојде до подобар резултат во овој двомеч.
Алкалоид не реализираше пет седмерци на првиот меч во Хановер, а во ист стил почна и денешниот реванш, откако Симоноски при првиот напад од седум метри стрелаше само во гредата. Хановер за нецела минута поведе со 0-2, но Алкалоид експресно се врати израмнувајќи на 2-2 со головите на Карасманакис и Костески. Гостите од Германија набрзина воспоставија контрола над мечот, голманот Џоел Бирлем собра пет интервенции во првите 15 минути, па при водство на Хановер од 6-9 тренерот Лазаров беше принуден да побара тајмаут. Советите сепак не вродија со плод, па неццела минута подоцна гостите веќе имаа „плус пет“ (6-11).
Серијата на противникот со прецизно реализиран пенал ја прекина Дамјан Митев (7-12). Галевски одговори со две одбрани во низа, по што и капитенот Георгиев биеше прецизно за 8-12. Алкалоид заигра фуриозно во одбраната, стигна и до 9-12, резултатот при кој Стојковиќ не реализираше зицер од контранапад. Галевски продолжи со маестрални интервенции, Алкалоид во меѓувреме промаши уште еден пенал, пред преку Костески да намали на 10-12. Македонскиот тим играше одлично во нападот, а благодарение на цврстата одбрана преку Тордарсон од контранапад израмни на 13-13, на три минути до крајот на полувремето. Гостите ја прекинаа серијата на Алкалоид со сомнително досуден пенал, но на одмор се замина со израмнети 14-14, по мајсторскиот погодок што го реализираше Урош Борзаш, негов трет во првото полувреме.

Вториот дел почна со напад на Алкалоид, но избраниците на Кире Лазаров не искористија две шанси да стигнат до прво водство на мечот. Хановер одговори со три брзи гола во серија, па Лазаров беше принуден да побара тајмаут на почетокто од 35. минута, при водство на противникот од 14-17. Следеше фантастичен одговор, Борзаш, Тордарсон и Костески беа прецизни за помалку од две минути, експресон израмнувајќи на 17-17. Галевски одбрани уште еден противнички удар, по што Костески на спротивната страна биеше прецизно за 18-17 (38. минута), за прво водство на Алкалоид на натпреварот.
Вистинска штета, при 20-18 Серафимов не реализираше пенал, по што гостите експресно казнија за една минута израмнувајќи на 20-20. Гостите поведоа и со 22-23, но следеше одговор на Алкалоид и експресен пресврт, со маестралниот гол на Тордарсон за 24-23. Се играше брзо и ефикасно на двете страни, Борзаш постигна неколку погодоци за Алкалоид, па во последните седум минути се влезе со израмнети 27-27. Кизиќ одбрани два зицера и спречи Хановер да се одлепи при 27-29, при 28-29 Костески не реализираше зицер од крило, па овој меч заврши со минимална победа на гостите од Бундес-лигата.



Борзаш со осум и Тордарсон со седум погодоци беа најефикасни во таборот на Алкалоид, Галевски имаше 13 успешни интервенции, а најдобар поединец на реваншот како и на првиот меч беше гостинскиот голман Џоел Бирлем со 17 успешни интервенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

