Ракометарите на Алкалоид се вратија на победнички патеки во плејофот откако славеа на гостувањето против Охрид со резултат 28-36. Избраниците на Кире Лазаров одиграа квалитетен меч на жешкиот терен во „Билјанини Извори“, го контролираа резултатот и заслужено стигнаа до цел плен, додека Охрид го загуби и третиот меч во плејофот со ривалите за највисок пласман оваа сезона.
Првото полувреме мина во израмнета игра во која Алкалоид беше на повисоко ниво, но низата одбранети зицери на одличниот домашен голман Ѓорѓевски ги спречи гостите од Скопје посериозно да се одлепат резултатски. Ниту црвениот картон на Стојковиќ во 13. минута не го исфрли гостинот од ритам, па Алкалоид замина на одмор со предност од 14-16, по головите на Серафимов и на Петковски во последната минута од првото полувреме.
Тоа беше најава за одличен почеток на вториот дел на гостинскиот состав, кој набрзина стигна до предност од четири гола (14-18). Охрид одговори со серија за 18-18, мечот беше израмнет до 21-21, по што Алкалоид повторно почна резултатски да се одлепува. Галевски застана на голот и имаше неколку одлични интервенции, со кои помогна Алкалоид уште повеќе да се одлепи резултатски, а младиот голман на десетина минути до крајот и самиот успеа да се запише меѓу стрелците. Последните десетина минути минаа во доминација на тимот на Кире Лазаров, кој заслужено славеше со конечните „плус осум“, со голот што во последната секунда го постигна младиот Дамјан Митев.
Ѓоргиев со шест гола беше најефикасен во победничкиот тим, пет реализираше Серафимов, а со четири гола мечот кај Алкалоид го заврши Франциско. Најдобар стрелец кај Охриѓани во денешниот пораз беше Грузиецот Орјоникидзе со шест постигнати гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА