Алкалоид и Еурофарм Пелистер 2 без проблеми против Струга и Скопје

Ракометарите на Алкалоид им се вратија на победите откако во 5. коло од Суперлигата славеа на домашен терен против Струга со 36-29. Избраниците на Кирил Лазаров одиграа нов одличен натпревар во кој рано стигнаа до предност, а и покрај обидите за враќање на стружани во мечо, одолеаја на налетите на гостите и сосема заслужено се радуваа на нови два бода.

Алкалоид го назначи текот на натпреварот уште од самото отварање. Серија од 5-1 донесе комотно водство, а и покрај тоа што Струга возврати со своја серија од 3-0, домаќините продолжија да го диктираат темпото. Во еден момент Алкалоид имаше позитива од 14-7, но прераното опуштање и подобрата игра на стружани до крајот на 30. минута ја намали негативата на 17-13.

Одморот на полувремето беше во полза на домашните ракометари кои ги консолидираа редовите и со нова серија од 5-1 стигнаа до нова висока предност. Овој пат истата не беше испуштена до самиот крај за четврта победа на младиот скопски состав.

Предводник на Алкалоид со девет гола беше Серафимов, додека него го следеше Кофиловски со пет. Цветаноски беше лидер на Струга со осум гола, а Маркоски постигна пет.


На победа се радуваа и ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 кои на домашен терен немаа проблеми да запишат нови бодови во средбата против Скопје (28-19). Битолчани фуриозно го започнаа натпреварот, дозволија само осум гола во првото полувреме (14-8), а продолжија во исто темпо и во вториот дел во кои стигнаа и до двоцифрена предност за мирен финиш и трета победа.

Атанасијевиќ беше лидер на Еурофарм Пелистер 2 со пет гола, а со четири него го следеше Митревски. Барјактаревиќ беше најрасположен кај гостите со шест гола.

Се вчитува...