Алкалоид и Вардар лесно до нови победи во Супер-лигата

Алкалоид и Вардар прокнижија нови бодови на суперлигашката табела откако двете скопски екипи лесно ги оправдаа фаворитските улоги на домашен терен против Тиквеш, односно Бутел. „Сино-белите“ на Лазаров, како и „црвено-црните“ одиграа максимално фокусирано во последниот меч од оваа 2024 година, го контролираа резултатот и рутински стигнаа до победите над ривалите кои во минатото знаеја да им создаваат проблеми.

Алкалоид во првото полувреме го демолираше Тиквеш, стигнувајќи до убедлива предност од 21-9. Во вториот дел избраниците на Лазаров покажаа милост кон гостите од Кавадарци, добивајќи го мечот со конечни 35-26. Петковски ги предводеше стрелците на Алкалоид со девет погодоци, еден помалку реализираше Мартин Серафимов, а на спротивната страна најефикасен кај Тиквеш беше Кривокапиќ со шест гола.

Ракометарите на Вардар до врв ја наполнија мрежата на Бутел, демолирајќи го скопскиот противник со 43-22. Нападот на „вардарци“ функционираше беспрекорно во текот на сите 60 минути, резултатот на полувреме гласеше 20-13, за Вардар доминантно да го одигра и вториот дел и последниот меч годинава да го заврши со 43 постигнати погодоци. Хориха со шест и Срдановиќ и Николиќ со по пет гола беа најефикасни кај Вардар, додека прв стрелец во овој убедлив пораз беше Узунчев со седум погодоци.

Се вчитува...