Алкалоид испиша нова страница во клупската историја, земајќи го скалпот на шампионот Вардар, прва победа на „сино-белите“ над најтрофејниот ракометен колектив во Македонија.
Кире Лазаров од самиот почеток на овој проект истакнува дека му е потребно време, дека гради тим со препознатлив стил на игра, дека резултатите допрва ќе дојдат, но прашање е дали селекторот се надеваше дека веќе во првата сезона ќе го земе скалпот на „вардарци“. Тој целосно ја доби тактичката битка со Недановскси, Алкалоид одигра далеку поквалитетно од големиот фаворит, а дури и кога Вардар успеа да се врати, домаќините покажаа карактер и успеаја да го свртат резултатот во своја полза.
„Вардарци“ уште долго ќе жалат по овој пораз, бидејќи со него сериозно си ја компликуваат работата во трката за титулата, што им беше речиси осигурана по онаа убедлива победа над Еурофарм Пелистер. Сега на Вардар за одбрана на трофејот ќе му биде неопходно да остане непоразен следниот месец во Битола, или претходно да чека услуга од Алкалоид, да им ги замрси сметките и на „пелистерци“.
Едно е сигурно, поинтересна сезона од оваа во мак-ракометот немало со години и години наназад…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА