Алкалоид како брз воз мина низ Битола

Алкалоид прокнижи нови бодови на суперлигашката табела откако тимот на Кире Лазаров славеше со убедливи 22-35 на гостувањето против Е. Пелистер 2. За младите битолчани ова беше можеби и последна шанса да се фати приклучок во борбата за влез во плејофот, но Алкалоид покажа квалитет, јасно ставајќи до знаење дека изненадување е невозможно на овој меч во салата „Боро Чурлевски“.

Гостите тргнаа моќно од самиот почеток, казнувајќи ги сите грешки на „пелистерци“, за брзо водство од 2-7 пред се благодарение на Тордарсон. Лазаров не дозволи фокусот на неговиот тим да опадне, па Алкалоид продолжи да доминира на теренот, преку Дамјан Митев поведувајќи со 8-16, а потоа и на одмор заминувајќи со 12-20.

Остатокот од дуелот беше само рутина за ракометарите на Алкалоид, кои на самиот почеток од второто полувреме преку Аларов стигнаа до првото двоцифрено водство (12-22), лесно контролирајќи го темпото до самиот крај и конечните „плус тринаесет“.

Тордарсон со осум гола ги предводеше стрелците кај Алкалоид, пет постигна Ненад Костески, додека најефикасен кај Пелистер 2 беше Бен Махфуд со осум погодоци, но од дури 18 обиди кон противничкиот гол.

Се вчитува...