Алкалоид со едната нога веќе се наоѓа во осминафиналето од ЕХФ Европскиот куп, откако македонскиот претставник славеше со импресивни 38-27 на првиот дуел против Вест Виена. Во договор на клубовите двете средби ќе се играат во Скопје (реваншот е утре), а избраниците на Кире Лазаров се погрижија уште денеска да демонстрираат квалитет и практично за 60 минути игра да го решат патникот во следната рунда од ова европско натпреварување.
Разликата во квалитет беше очигледна од самиот почеток, гостите од Австрија парираа амо неколку минути, имаа минимално водство од 1-2 и 2-3, но Алкалоид одговори со три гола во низа, во периодот во кој брилијантно делуваше Бинго. Марко Митев нешто подоцна погоди зголемувајќи на пет гола предност за освојувачот на Купот на Македонија (9-4), а со двата гола во низа на Серафимов домашниот тим стигна до најубедливи во првото полувреме „плус седум“ (11-4). Алкалоид по убедливата предност малку го забави темпото, па на крајот од првото полувреме на одмор се замина со шест гола позитива за нашиот претставник (20-14).
И повторно Вест Виена парираше само неколку минути во второто полувреме како што тоа беше случај во првиот дел. По оние 22-16 следеа два гола на Митев на кои се надоврзаа и два на Петковки, па Алкалоид рутински стигна до првото двоцифрено водство (26-16). Победата беше осигурана, а Лазаров се реши на десетина минути до крајот да го внесе во игра Благојче Трајковски, искусниот голман возврати на довербата со неколку извонредни интервенции, помаѓајќи убедливот водство да биде задржано, за конечни 38-27 за Алкалоид и огромен чекор кон осминафиналето од ЕХФ Европскиот Куп.
Александар Петковски со девет гола беше најефикасен во таборот на Алкалоид, осум постигна Мартин Серафимов, а со седум погодоци мечот го заврши Марко Митев.
Вториот натпревар меѓу Алкалоид и Вест Виена на програмата е утре, исто така со почеток во 19 часот во салата „Автокоманда“ во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА