Алкалоид крева европски пехар пред реваншот со Хановер

Екипата на Алкалоид денеска во 19.30 часот го игра реваншот од баражот за влез во ЕХФ Европската лига против германски Хановер, дуел во кој избраниците на Кире Лазаров за жал влегуваат со големи десет гола негатива од првиот дуел одигран пред една седмица во Германија.

Нема сомнеж дека „сино-белите“ од Автокоманда ќе сторат се за да се прикажат во подобро светло, да успеат да стигнат и до подобар резултат во ситуација кога бркањето на овие „минус десет“ делува како невозможна мисија.

Сепак, денеска е историски ден за РК Алкалоид ако се знае дека токму пред дуелот во салата „Автокоманда“ на македонскиот клуб ќе му биде доделен европскиот трофеј за минатосезонскиот успех и првото место во ЕХФ Европскиот куп. Откажувањето на АЕК беше причина Алкалоид да не го крене пехарот пред преполни трибини во СЦ „Борис Трајковски“, но Кире Лазаров и неговите избраници ќе можат да го прослават историскиот успех во својата сала Автокоманда.

„Пред нас е реваншот против Хановер, германски тим кој како што и самите знаете минатата сезона беше лидер во најсилната лига во светот цели осум месеци, а сезонава е уште повеќе засилен во играчкиот кадар. Мене ми е искрено жал што загубивме со нереални десет гола разлика во однос на случувањата на теренот. Жал ми е бидејќи в сабота ќе биде убав ден – еден македонски тим базиран на македонски играчи ќе го крене пехарот во едно европско натпреварување. Нема да биде убаво чувството со минус десет од Германија да кренеме европски пехар, но имало и почудни ситуации. Што се однесува до самиот меч, ќе се обидеме најдостоинствено да го претставиме нашиот македонски ракомет, да одиграме квалитетно…. им кажав на играчите мора да се остави срцето на терен, поради нас, поради клубот, навивачите, поради целата македонска јавност. Мислам дека со играта во Хановер заслуживме подобар резултат, штета што македонската јавност не беше во можност да го види тоа на дело, дека не изгледавме воопшто така лошо колку што прикажува конечниот резултат“, изјави Кире Лазаров во пресрет на денешниот реванш.

Се вчитува...