Алкалоид на мегдан со Ла Риоха во Шпанија

Ракометарите на Алкалоид ја продолжуваат премиерната европска авантура, по поразот на домашен терен нареден предизвик за избраниците на Кире Лазаров е денешното гостување против Ла Риоха во Шпанија (20.45 часот). Алкалоид доминира во домашната Супер-лига каде актуелниот вицешампион има перфектни осум победи на осум натпревари, па сега овој млад и перспективен состав ќе се обиде да ја пренесе добрата форма и во европските натпреварувања.

„Сино-белите“ во првиот меч загубија пред своите гледачи од Војводина, а Ла Риоха настрада на гостувањето против Силкеборг со 34-25, така што вечерашниот дуел е шанса за освојување на бодови и за двата тима. Ла Риоха како поранешен учесник во Лигата на Шампионите на хартија важи за фаворит, но мора да се истакне слабата форма во која се наоѓа овој состав, кој моментно е 12. пласиран во АСОБАЛ-лигата, со две победи, едно реми и четири порази во првите седум одиграни натпревари.

Токму слабата форма на противникот дава надеж дека со добра игра и намалување на бројот на грешки и промашени зицери, Алкалоид ќе може да стигне до позитивен резултат на овој натпревар.

„Реномето на нашиот следен противник е мотив плус за нашите ракометари да пружат максимум на теренот во обид да ги освојат првите европски бодови. Презентирањето на македонскиот ракомет надвор од границите е обврска што сериозно ја сфаќаме и клубот ќе настојува на секое поле да се подобрува“, порачуваат од РК Алкалоид во пресрет на денешниот дуел.

Се вчитува...