Алкалоид останува со стопроцентен ефект во ракометната Супер-лига откако актуелниот освојувач на Купот на Македонија во седмото коло стигна и до седмата победа. Избраниците на Кире Лазаров вечерва гостуваа во Велес на тимот на Бисинов, меч што „сино-белите“ лесно го добија со резултат 22-40.
Само девет минути беа доволни за Алкалоид резултатски да се одлепи и да поведе со 2-7, јасно ставајќи до знаење дека домаќините ќе немаат никаква шанса за сензација на овој натпревар. Лазаров ротираше во тимот, но темпото на „сино-белите“ остана на високо ниво, па Алкалоид во првото полувреме постигна двојно повеќе погодоци од домаќинот (9-18). Петковски го донесе првото двоцифрено водство на Алкалоид за 9-19 во 31. минута, а гостите од Скопје дополнително ја зголемија предноста до самиот крај, триумфирајќи со конечни „плус 18“.
Дванаесет различни ракометари се запишаа меѓу стрелците кај Алкалоид, најефикасни беа Митев со седум и Петковски со шест погодоци, додека прв стрелец на Бисинов беше Ивица Илиев со седум гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА