Освојувачот на трофејот во Купот на Македонија, тимот на Алкалоид ќе ја има улогата на носител во втората рунда од ЕХФ Европскиот куп, беше соопштено денеска од европската куќа на ракометот, која ја објави листата на учесници во ова натпреварување.
Македонија ќе има три екипи во ЕХФ Европскиот куп, откако покрај Охрид и Алкалоид, екипата на Тиквеш исто така доби зелено светло за учество откако беше прифатена апликацијата за вајлд-карта на кавадарчани.
Тиквеш ќе го стартува учеството од првата рунда што е закажана за средината на месец септември, а „црвено-белите“ од Кавадарци ќе се најдат во вториот шешир при ждрепката и за ривал може да добијат екипи како Фајверс од Австрија, Конверзано од Италија, Драма од Грција, Кастриоти од Косово, Леотар од БиХ.
Алкалоид и Охрид се приклучуваат од второто коло од ова натпреварување во втората половина од месец октомври. Алкалоид ќе ја има улогата на носител заедно со екипи како Металопластика, Баја Маре, Олимпијакос, Бешикташ, Мотор, Раховеци, Анортозис… додека охриѓани се неносители, заедно со состави како Партизан, АЕК Атина, Крка, Динамо Панчево, Кокс, Грачаница…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА