Алкалоид експресно се врати на победнички патеки по поразот од Е. Пелистер од пред неколку дена откако актуелниот вицешампион на Македонија вечерва славеше над Пролет со 28-23. Избраниците на Кире Лазаров го надминаа бавниот старт во кој гостите дваесетина минути го контролираа резултатот, па благодарение на цврстата одбрана и голманот Трајкоски рутински стигнаа до бодовите на овој меч.
Првите дваесетина минути минаа во подобра игра на гостинскиот состав, кој имаше контрола над резултатот. Андоновски и Василевски презедоа одговорност во нападот и му создадоа многу проблеми на вицешампионот, одржувајќи ја предноста на Пролет меѓу еден и два гола разлика. Ситуацијата се промени откако Трајкоски застана на голот на местото на Галевски, домаќините заиграа и поквалитетна одбрана, па цели девет минути не примија ниту еден гол. Тоа беше доволно за да се направи целосен пресврт, Пролет реализираше само еднаш до крајот на полувреме (пенал на Палевски), но Алкалоид замина на одмор со предност од 15-11 по голот што од контранапад го постигна Бинго.
„Сино-белите“ подобро го отворија и вториот дел зголемувајќи на 17-11, по што остатокот од мечот мина во израмнета игра во која Алкалоид лесно го контролираше резултатот. Пролет успеа да спушти до четири гола разлика, двајцата тренери за кратко време зедоа по еден тајмаут, по што предноста на Алкалоид се движеше околу шест гола. На шест минути до крајот Алкалоид стигна и до осум гола предност, но Пролет предводен од капитенот Ласко Андоновски не дозволи така убедлив пораз, до крајот намалувајќи на 28-23.
Дамјан Митев беше прв стрелец на Алкалоид со пет гола, по четири постигнаа Димовски и Бинго. Најдобар поедиенц на мечот беше гостинскиот капитен Ласко Андоновски со девет постигнати погодоци, додека Василевски го заврши мечот со седум гола за Пролет.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА